На 22 јуни 2026 година се одржа онлајн состанок помеѓу претставници на Универзитет Скопје и Aix-Marseille University, Франција, посветен на можностите за соработка во областа на територијалната атрактивност, одржливиот туризам, регионалниот развој и меѓународните истражувачки иницијативи.
Од страна на Универзитет Скопје на состанокот учествуваа проф. д-р Сашко Граматниковски, декан на Факултетот за туризам, и доц. д-р Гордана Серафимовиќ, професор на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси.
Од страна на Aix-Marseille University учествуваа проф. д-р Christophe Alaux, директор на Institut de Management Public et Gouvernance Territoriale (IMPGT), Auri-Maria Kostama-Goerger од Одделот за меѓународна соработка на Aix-Marseille University, како и членови на истражувачкиот тим и студенти на докторски студии од универзитетот.
Во текот на состанокот беа претставени активностите, академските програми и истражувачките капацитети на двете институции, со посебен акцент на територијалната атрактивност, одржливиот туризам, брендирањето на дестинации, привлекувањето таленти и инвестиции, како и улогата на високото образование во поттикнувањето на локалниот и регионалниот развој.
Учесниците разменија искуства и добри практики поврзани со развојот на конкурентни и одржливи дестинации, а беа презентирани и тековните меѓународни активности и проекти на двете институции. Посебно внимание беше посветено на можностите за воспоставување долгорочна академска и истражувачка соработка преку заеднички научни истражувања, публикации, академска мобилност и учество во меѓународни програми и проекти, особено во рамките на програмата Erasmus+.
Соговорниците ја истакнаа важноста на интернационализацијата и градењето стратешки партнерства кои придонесуваат за развој на иновативни решенија во областа на туризмот, регионалниот развој, територијалниот маркетинг и човечкиот капитал.
Состанокот претставува значаен чекор кон јакнење на меѓународната соработка и воспоставување нови партнерства меѓу Универзитет Скопје и Aix-Marseille University во области од заемен интерес.

